Home Колумни ВЕЛЕС НА СТАРИТЕ ПАТЕКИ

ВЕЛЕС НА СТАРИТЕ ПАТЕКИ

51
0
SHARE

Првото средно училиште, првото црковно народно училиште, првиот театар, првиот драмски писател, првата жена-актер, првиот меѓу великаните македонски поети, првите модерни херои-саможртви, првиот весник на македонски литературен јазик, првите чети што го ослободуваат Kрушево, првата библиотека. Тоа е Велес, градот од кој потекнувам и градот со кој се гордеам. Со децении Велес бил град средиште на интелектуалната македонска мисла.

Можеби има дилеми кој од градовите во Македонија е средиште на револуционерните активности (дали Штип, Битола, дали Kрушево, Прилеп, Охрид или Kуманово), но не постои дилема кој град е центарот на македонската интелектуална мисла.

Некои горди велешани дури предлагаа да се направи список со сите видни македонски интелектуалци, преродбеници, поети и писатели, револуционери и востаници што се бореле, твореле и создавале во втората половина на 19 век и во првата половина на 20 век и на таквата листа да се подвлечат сите што се од Велес и Велешко. Резултатот би бил јасен, повеќе од половина ќе се и мора да се велешани. 

Наследството што го носи Велес е огромно и значајно за Македонија. Брзиот стопански и трговски развој во 19 век Велес го прави град средиште на Македонија. Целиот увоз и извоз, целата трговија на оваа територија од тогашната Отоманска Империја се случувале преку новата пруга на релација Солун-Велес и преку воспоставената транспортна рута со гемии по реката Вардар. Одгледувањето индустриски растенија (памук, сончоглед, афион) е доминантна земјоделска гранка која создала услови за огромен влез на финансиски средства во градот Велес и околијата. Новите индустриски и занаетчиски погони и работилници на крајот на 19 век, исто така создаваат добра подлога за забрзан развој на Велес.

Покрај старата типична велешка архитектура, во овој период барокот (кој не е нов во Македонија) зазема доминантно место во изградбата на куќи на богатите велешки фамилии. Градот бил богат и создавал и колективен, но и индивидуален развој за своите граѓани. Речиси и да немало велешка фамилија која своите деца не ги праќала на студии во Загреб, Софија, Берн, Цирих, Женева, Виена и подалеку. Во овој период, во сред епидемија на колера, која усмртила една третина од населението на градот, изградени се две големи цркви на двете страни на Велес (од која едната, посветена на св. Пантелејмон, изградена лично од Андреја Дамјанов, претставува една од најубавите црковни градби во Македонија и пошироко на Балканот). 

 

Годините по војните од Велес ќе создадат индустриски град, со развиени фирми и фабрики, социјализмот велеа успеал таму. За жал, падот на тоа општествено уредување значеше вртоглав пад во сите сегменти на општеството. Фабриките се затворија и разграбаа, економијата запре, културата забави, образованието исто така, спортот го снема, се почувствува сиромаштија, се почуствува незаинтересираност, безидејност и летаргија, инфраструктурата пропаѓаше, а не се создаваше нова. Велес не личеше на себе. Велес не беше град гордост на Македонија, каков што бил и каков што заслужува да биде.

Новите и млади генерации на велешани знаат каков град сакаат да имаат. Велес повторно мора да биде град, средиште на културата и средиште на интелектуалната мисла. Многу треба да се направи, повеќе и од она што се уништило, за градот повторно да го заземе своето место. Јас се гордеам што таа патека се наѕира низ сивилото, се оцртува и се гледа. Се гордеам бидејќи во последните неколку години Велес почна да чекори во правец на развивање на секој сегмент. 
Денес во градот се гради, на секој чекор и во секоја населба може да се видат или булдужери или работници што уредуваат. Огромен број улици се изградија, циментираа и асфалтираа. Се реконстурираат водоводни и канализацискии мрежи. Се градат нови паркови, а постојните редовно се одржуваат и реконструираат. Се реконструираат повеќе велешки средни и основни училишта. Се градат паркинзи. Се реновира едниот од двата градски пазара. Се реконструираа и им се набави нова и модерна опрема на двете велешки болници. Се реконструира главниот мост, но и се гради нов кружен тек на влезот на градот. Се прават нови патишта, плоштадки, улици, канализациони и водоводни мрежи за сите населени места во општината.

Почна да се гради првата нова фабрика во Велес, таа на германската фирма „Маркарт“, каде што повеќе стотици велешани ќе го најдат своето работно место. Во меѓувреме многу наши сограѓани успеаја да се вработат во новите фабрики во Бунарџик и во Kавадарци.

 
Се реконструира подлогата на градскиот стадион и денес тој повторно е еден од најдобрите во Македонија. Заедно со планираните реконструкции на атлетската патека и на трибинскиот простор, ликот на велешкиот стадион ќе биде каков што заслужува градот. Во исто време општината под своја капа ги зеде управувањето и финансирањето на градскиот ракометен клуб „Борец“, кој почна да дава видливи и задоволителни спортски резултати.


Се изгради нова зграда на Велешкиот народен театар Јордан Хаџи Kонстантинов Џинот. Се исполни децениската желба на многу генерации на мои сограѓани. Проектот кој беше само замисла и политичка мамка на многу претходни генерации на политичари, денес е реалност. Велешкиот театар со своите двесте театарски претстави годишно, засилени со нов објект во кој моите сограѓани ќе можат да видат и филхармонија, балет, опера, ќе може да слушнат џез-програма, ќе може да ги видат „Танец“ и сите други модерни и квалитетни ѕвезди од домашната естрада, ќе е повторно епицентар на културниот и интелектуален развој на Велес. Изворот ќе е таму. Велес мора да го вратиме на картата на Македонија, но таму каде што заслужува, високо горе на листата.

 

Колумна на Илија ДИМОВСКИ, за Дневник

 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here