Home Колумни Економијата е првиот интерес на граѓаните

Економијата е првиот интерес на граѓаните

14
0
SHARE

t’s economy, stupid – велат дека било најзначајно инсајдерско мото во кампањата за првиот избор на поранешниот претседател на САД, Бил Kлинтон. Ова мото висело над главите на клучните шефови на една од најуспешните изборни кампањи во американската, а и во светската историја. Било таму не како порака до гласачите, бидејќи вака како што е поставено и напишано секако дека би било и малку навредливо, туку како директна порака и секојдневно потсетување до луѓето што ја осмислувале и воделе изборната кампања. Не смееле да заборават, а и да заборавеле мотото ги потсетувало, дека с` се врти околу економијата. Граѓаните ги интересира с`, но економијата е прва и клучна тема. Ништо повеќе и ништо помалку. Економијата е првиот интерес на гласачите.

Американците имаат богата демократска историја со развиена критичност на општеството. Поминале низ сите фази на детски болести и развој. Kако и нас, се расправале и проблематизирале околу сите прашања поврзани со демократија, граѓанско општество, медиуми, судски систем, политички партии и изборни модели. Но на крајот разбрале дека с` се врти околу економијата. Денес и кога зборуваат за сите општествени и политички прашања, тие размислуваат за економијата и своите позиции ги градат на принципот како било која политичка одлука ќе се одрази на нивната економија. Би бил среќен да можеме и ние да прескокнеме доста години во нашиот демократски развој и да почнеме да ги гледаме процесите низ истата призма. С` ќе е поедноставно, а државата и граѓаните ќе имаат бенефит. Така веројатно нема да ги има низата политички игри, сопки и надмудрувања кои не носат ништо добро за никого, па дури и за оној што ги прави.

 

Деновиве е дебатата за донесување на Буџетот на Република Македонија за следната, 2015 година. Се чувствувам помалку разочарано зошто оваа тема не ги интригира медиумите, новинарите, а донекаде и дел од политичарите, ниту половина од она колку интерес се вложува за односите помеѓу политичките партии. Не го оспорувам значењето на втората тема, но Буџетот е најзначајниот документ во текот на цела една година, во него се испишани сите економски, стопански, финансиски, инфраструктурни, образовни, здравствени, земјоделски, културни правци и насоки по кои ќе се движи државата во следните 12 месеци. Ако тоа не е топ-тема во медиумите и ако тоа не е топ-тема за дел од политичарите, јас навистина не знам и не можам да разберам што друго треба да е. Дали ќе зборуваме за празни соопштенија и изјави за надмудрување или за тоа колку асфалт ќе се постеле следната година? Дали ќе зборуваме за крути партиски позиции или ќе зборуваме кои болници ќе бидат реконструирани? Дали ќе зборуваме за хаотични пораки и ставови на лидерот на опозицијата или ќе зборуваме колку средства државата следната година ќе издвои за подобрување на инвестициската клима во државата?

 

Јас го избирам второто, без никаква дилема. Доволно долго граѓаните се преоптоварени со празна политика и памфлети на политичари што не знаат да работат и да покажат реални резултати. Доволно долго граѓаните трпеа и слушаа политички говори чија единствена намена беше да се покрие и прикрие слабоста и празнината кај многу политичари. Или работиш или не. Многу гарнитури на политичари покажаа добро ораторски способности, но тоа трае кратко ако нема резултат зад себе.

 

Буџетот на државата покажува извонреден пат на значително зголемување на капиталните инвестиции на сметка на другите трошоци во него. Тоа значи дека државата следната година уште повеќе и уште посилно ќе инвестира во инфраструктура, патишта, железница, објекти за училишта и болници, водоводи и канализациони системи. Граѓаните ќе го добијат она што го бараат и што им треба, но и економијата ќе биде под позитивен притисок и во подобри услови за значителен развој. Следната година од буџетот, од платените даноци, дури 21 милијарда денари, како никогаш досега, ќе се вложат во конкретни и реални проекти. За ова треба да дискутираме. За ова треба да нудиме добри и подобри концепти, за ова треба да се натпреваруваме, а не за тоа дали Заев уште мисли дека изборите не биле фер секаде освен во Струмица.Во буџетот за следната година има предвидено и средства за зголемување на платата на војската, полицијата, образованието, здравството, јавните и комунални служби, има предвидено средства за зголемување на пензиите и социјалните трансфери до ранливите групи граѓани.

 

Во буџетот има с` повеќе средства за директно стимулирање и потпомогнување на вработувањето и самовработувањето на нашите граѓани кои се без работно место, посебно на младите и на оние во поодминати години. Оваа е тема која ги интересира граѓаните, а не тоа дали некој во опозицијата планирал да се појави на работното мести или не, секако освен прашањето како тоа земаат плата за работа која не ја работат.Се зголемува извозот, посебно оној од слободните индустриски зони, се зголемува индустриското производство, се намалува бројот на невработени, се зголемува домашниот бруто-производ, се зголемува бројот на меѓународни фирми кои одлучија или почнаа да градат свои фабрики во Македонија. Некој очигледно се плаши од овој тренд и нема одговор, не знае како да се спротивстави. Не само што носи лошо наследство со себе, од своето време, туку и не знае како би се справувал со новите економски состојби и предизвици. Македонија има уште многу економски, финансиски и социјални проблеми, далеку сме да прогласиме победа, но првпат се гледа добар правец, првпат луѓето имаат надеж. А оние што не знаат и не разбираат, ќе останат со празните говори зад себе. Освен за празна политика, нема никогаш да ги чуеме за ништо. 

 

                                                                                                                                                        ИЛИЈА ДИМОВСКИ за Дневник

 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here