Home Свет Израел се сеќава на шесте милиони жртви во холокаустот

Израел се сеќава на шесте милиони жртви во холокаустот

22
0
SHARE

Израелците со две минути молк и завивање на сирените во четвртокот го одбележуваат Денот на сеќавањето на шесте милиони Евреи убиени во холокаустот за време на Втората светска војна, а по повод сеќавањето на нацистичките жртви во Меморијалниот музеј на холокаустот Јад Вашем положени се венци.

Израел традиционалниот годишен Ден на сеќавањето на холокаустот го одбележува од заоѓањето на Сонцето во среда до заоѓањето на сонцето во четврток, па така во средата сите радиски и телевизиски канали ги започнаа емитирањата на своите програми со сеќавања на преживеаните и документарни и грани филмови за геноцидот, но и тие програми во четвртокот беа прекинати на две минути.

Премиерот Бенјамин Нетанјаху на отворањето на церемонијата во меморијалниот комплекс Јад Вашем го предупреди светот дека не го научил урокот од Втората светска војна и дека се однесува кон „иранската агресија“ на Блискиот исток со истото „попуштање“ откако не успеал да ја препознае заканата од нацистичка Германија.

Израелскиот претседател Реувен Ривлин, пак, истакна дека „погрешно е да се смета дека Израел постои како еден облик на компензација за холокаустот. Ние дојдовме од Аушвиц, не поради Аушвиц“, порача Ривлин.

Во Полска илјадници млади Евреи од целиот свет ќе учествуваат во традиционалниот годишен Марш на живите, три километри долгата поворка која се движи меѓу концентрационите логори Аушвиц и Биркенау.

Иако Обединетите нации 27-ми јануари го прогласи за меѓународен Ден на сеќавањето на холокаустот, Израел го одбележува на 27-от ден од еврејскиот месец нисан, една седмица пред Денот на независноста за да се симболизира раѓањето на Државата Израел од „пепелот на холокаустот“.

Еврејската заедница во Република Македонија и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија во четврток во 12 часот го одбележаа Јом Ашоа – Национален комеморативен ден на холокаустот и херојството на државата Израел. Овој ден се одбележува во сеќавање и на востанието на Евреите во Варшавското гето во 1943 година и како комеморативен ден на шест милиони Евреи убиени во холокаустот.
Copyright 2015 makfax Сите права се задржани. Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Мakfax.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here