Home Интервјуа проф. Вангелица Маџунова Гаврилова – психотерапевт, каде и да сме што и...

проф. Вангелица Маџунова Гаврилова – психотерапевт, каде и да сме што и да работиме никогаш несмееме да ги заборавиме нашите корени…

198
0
SHARE

Веднаш по враќањето од Корча, Република Албанија, нашата сограѓанка, професорката Вангелица Маџунова Гаврилова  која беше дел од македонската делегација, отворено за посетата но и за својара работа проговори  за Лисица.мк.

Лисица: За каква посета станува збор?

Гаврилова:На покана на нашиот амбасадор во Р. Албанија, Стојан Карајанов, на 15. 11. 2014 година, македонска делегација во состав од универзитетски професори како и други лица од образовната и културната сфера, имавме средба во Корча со нашето македонско население, но и албанско. Посетата беше од едукативно образовен и културен карактер. Задоволството за дружење од овој тип беше присутно од двете страни, надополнето со желба за понатамошни идни видувања.

Лисица: Освен што предавате на Факултетот за психологија на Меѓународниот Славјански Универзитет „Г. Р. Державин“ во Свети Николе и Битола, кои се останатите Ваши ангажмани?

Гаврилова:Паралелно со моите обврски на факултетот волонтерски работам како психотерапевт во нашиот град, во Здружението на лица со церебрална парализа Велес, Здружението на самохрани мајки, како и во клубовите на  лекувани алкохоличари. Учествував на повеќе трибини, а последните две ги одржав во општина Штип на покана на Младинскиот сојуз на општината, како и НВО ЦИВИТАС. Едната трибина беше „Менталното здравје и младите “ која се надополни и со практична едукација преку работилница на која учество зедоа и студенти од штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ од прв и втор циклус на студии. На втората трибина беа поканети и гости од повеќе институции и компании од Штип, а темата беше „Личноста и безбедноста при работа“.

Лисица: Имате напишано повеќе научни трудови објавени во меѓународни зборници, се јавувате и како рецензент на трудови од други автори, има ли нешто во тој дел?

Гаврилова:Освен перманентната изработка на научни трудови, учество на конференции, научни собири и слично, имам издадено и два учебника Основи на невропсихологијата и Основи на психоанализата, за кои ми е особено задоволство затоа што првиот веќе подолго време во своите предавања на студентите го користи професорката Татјана Бугренкова од Москва, која е и визитинг професор на МСУ „Г. Р. Державин“. Во фаза на печатење е и мојот трет учебник Психологија на менаџмент и лидерство.

Лисица: Работите во КЛА, каква е состојбата со алкохолизмот кај нас?

Гаврилова:Статистиките говорат: во Република Македонија проблем со алкохолизмот имаат 60.000 лица. Една смешна бројка, далеку од реалната. Но алкохолизмот е проблем не само кај нас, туку и ширум светот, како личен, семеен, економски, општествен. Од тие причини во контекст на здружението Здрав живот, Скопје, функционираат повеќе КЛА каде се применува Худолиновата метода како современ и ефикасен начин за справување со оваа зависност. Секоја година по наша препорака испраќаме млади едуканти во Италија, каде заеднички со лица од повеќе европски држави и пошироко, имаат специјална обука, а кои стекнатите знаења ги пренесуваат и користат на наши простори. Искуствата од нашата држава се респектирани од експерти на светско ниво поради што сме членки на светската асоцијација WACATсо седиште во Ѓенова, која дистрибуира информации за нашата успешна работа, а за која сме заслужни сите.

Лисица: Бевте активна во Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија „Ѕвезда“, дали Вашите активности продолжуваат и овде?

Гаврилова:Се трудам во границите на моите временски можности да одвојам време и за нив. Соработуваме со широка мрежа на повеќе здруженија од повеќе градови во Р. Македонија, со активности како во државата така и надвор од неа. Моето потекло е од Егејска Македонија и сум правнука на Илинденец. Дедо ми во Грција остави огромен имот (виорот на војната направи на голем број членови од мојата фамилија коските да почиваат на Грамос, на Вичо), ама ми го пренесе борбениот дух – човек да се труди, да работи, да биде позитивен и секогаш да гледа напред во животот, зошто само така ќе опстои и успее. А сите ние, без разлика кои сме и каде сме, да не си ги заборавиме корените, родната грутка на нашите претци, зошто тоа ќе ни даде сила да опстоиме, да бидеме личности со свој идентитет. За да чекориме во иднината мораме најнапред да си го знаеме и почитуваме минатото, нашето потекло, нашата историја, нашите корени… 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here