Home Технологија Facebook најави раст на трошоците и забавување на растот на приходите

Facebook најави раст на трошоците и забавување на растот на приходите

16
0
SHARE

Социјалната мрежа Facebook предупреди на забавување на растот на своите приходи во последниот квартал од годината, како и дека во наредната година силно ќе и пораснат трошоците.

Трошоците на Facebook би можеле да пораснат во 2015 година и до 75 отсто. Поради ваквото предупредување цената на акцијата на компанијата потона во продолженото тргување на Волстрит за речиси 10 отсто.

Извршниот директор на Facebook, Дејв Венер проценува и дека стапката на раст на приходите ќе забави од 59 отсто во третиот квартал на 40 до 47 отсто во четвртиот.

Facebook извести дека во третиот квартал од годината оствари приходи од 3,2 милијарди долари, додека добивката изнесувала 806 милиони долари, што е зголемување од 90 отсто во однос на истиот период лани.

Причина за толку силниот раст на добивката се три неверојатно добри месеци на работењето во делот со огласувањето на Facebook. Приходите од огласи во периодот од јуни до септември значително пораснале во однос на претходната година, при што мобилните огласи изнесувале 66 отсто од вкупните приходи од огласувањето. Пред една година мобилните огласи изнесувале помалку од половината на вкупните приходи, а во времето кога компанијата излезе на берзата во 2012 година едвај и да донесуваа приходи.

Податоците за бројот на корисниците на Facebook исто така беа подобри од очекувањата. На крајот на септември Facebook имаше 1,35 милијарди активни корисници секој месец, што е 14 отсто повеќе во однос на 2013 година. Бројот на оние луѓе кои барем еднаш дневно ја проверуваат својата Facebook страница скокна за 19 отсто на 864 милиони.

„Ова беше добро тромесечје со силни резултати“, рече Марк Цукерберг, основач на Facebook и извршен директор.

Меѓутоа и трошоците пораснале во третиот квартал за 41 отсто, воглавно поради неодамнешните аквизиции.

„Веруваме дека пред нас се значајни развојни можности и планираме агресивно да инвестираме за да ги капитализираме“, порача Венер. 

Copyright 2014 makfax Сите права се задржани. Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Мakfax.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here