Home Интервјуа Фида: Следна дестинација на владините роуд-шоуа е Јужна Америка

Фида: Следна дестинација на владините роуд-шоуа е Јужна Америка

36
0
SHARE

 

Тоа што го носат странските инвестиции не е изразено само во пари, туку и нови вработувања, како и зголемување на извозот, па затоа на инвестициите не може да се гледа само низ статистичка бројка на месечна или годишна основа, вели Висар Фида.

Макфакс: Господин Фида, на местото директор на Агенцијата за странски инвестиции бевте назначени во втората половина од 2011 година. Можете ли накусо да нé информирате колку сте задоволни од резултатите од работењето во вашиот досегашен мандат?
Фида: Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, за овие осумнаесет месеци откако сум јас Директор, активно и успешно работеше на полето привлекување странски инвестиции и од неодамна промоција на извозот. Организиравме успешни настани каде што ја промовиравме нашата земја и нашите производи, посетивме многу земји, склучивме договори со реномирани компании, започнаа со работа нови фабрики и се зголеми бројот на нововработени лица. На прашањето колку сум задоволен, можам да кажам дека секогаш може повеќе да се направи, но сепак најважното прашање што си го поставуваме во било која работа  е дали  сме направиле се што сме можеле да направиме?
Бројките зборуваат сами за себе, брендот на нашата земја се повеќе се зацврстува а инвеститорите се задоволни од нас како агенција и од нашите услуги. Од неодамна сме поактивно насочени и кон промоција на извозот и морам да признаам дека резултатите се видливи. Согласно нашата мисија се движиме нагоре.
Макфакс: Какви се идните планови и на што ќе биде насочен фокусот на работењето на Агенцијата во оваа година?
Фида: Во текот на 2012 година се организираа многу бизнис-форуми на неколку континенти, како дел од активностите на Владата за промовирање на државата и на бизнис  климата во неа. И годинава ќе имаме такви бизнис форуми. Тоа се покажува како најефективна форма на таканаречениот филд маркетинг, кој подразбира промотивни активности, близок контакт со компаниите, таргетирање на одредени кластери и производно ориентирани компании и до сега имавме одлични резултати. Како  и до сега, целта наша не е само да се запознаат и да се убедат компаниите да инвестираат во Македонија, туку и да дојдат, да ја посетат, да ја стават во нивните идни инвестициски мапи. Исто така, се оди на тоа и да се подобри имиџот на државата во светот, да се создаде свесност кај луѓето дека постоиме како бизнис дестинација и да им кажеме кои се условите за инвестирање.
Макфакс: Каков е ефектот од владините роуд шоуа, кои во изминатата година беа организирани во најразвиените држави? Имате ли информација дали наскоро се планираат повторно да се организира ваков вид на промоција на Македонија како дестинација за инвестирање?
Фида: Владините роуд шоуа ни донесоа голем број на контакти и можности за подобрување на економијата на Македонија. Тие досега се покажаа како добра алатка за поврзување со потенцијалните инвеститори. Посетеноста беше огромна не само во европските држави каде што бевме, туку и во прекуокеанските, особено во Кина и во Индија. Во САД посетата беше потаргетирана, се претставивме пред кластери во зависност од индустријата во конкретниот град. Многу од тие компании дојдоа да ја посетат Македонија, а со некои од нив сме во преговори и очекуваме во најбрзо време да ја донесат нивната конечна одлука за инвестирање. Следна дестинација за ваков вид на промоција ќе бидат земјите од Јужна Америка.
Макфакс: Иако еден од врвните приоритети на оваа Влада е токму привлекувањето на странски директни инвестиции, се чини дека глобалната финансиска криза и должничката криза во еврозоната си го зедоа данокот и негативно влијаат по ова прашање. Кога би можело да очекуваме во Македонија странските инвестиции да надминат милијарда евра?

Фида:Македонија е дел од глобалниот амбиент, а тој глобален амбиент не беше најповолен изминатиов период. Од друга страна,  ние работиме континуирано, секојдневно имаме посети, комуницираме со заинтересираните компании, преговараме и  инвестициите доаѓаат, тие се тука,  дури и во околности какви што имавме изминатата година во економиите на повеќето европски земји.
Ние не можеме на инвестициите да гледаме само низ статистиката, месечна или годишна. Тоа што го носат странските инвестиции не е изразено само во пари туку и нови вработувања, како и зголемување на извозот. Факт е дека се почесто  во печатот има огласи за стотици нови вработувања од компаниите кои што го отпочнаа своето производство, па и тие кои паралелно со изградбата на фабриките вработуваат нови работници (Дрекслер и Мајер, Џонсон Контролс… ) Од друга страна пак, компаниите кои веќе го имаат отпочнато своето производство со значителен дел учествуваат во македонскиот извоз, затоа што нивното производство најчесто и 100% е наменето за извоз.
Самата работа е таква во која од одлуката, отпочнувањето со градба па до отпочнувањето со работа, е потребен извесен период, и не е работа која што преку ноќ ги покажува резултатите па затоа не можеме да знаеме дали реализацијата на инвестицијата ќе се случи до  крајот на една календарска година, што статистички би дало поинаква слика, или пак покасно.  За нас е најважно дека тие ќе бидат тука дека се движиме во добра насока.
Макфакс: Неодамна за време на Вашата посета на Анкара, три турски компании објавија намера да инвестираат во Македонија. Какви се шансите и други компании од Турција, која во изминатите години бележат силен економски подем, да го следат примерот за влез во Македонија?
Фида:Да, пред неколку дена, освен тие три компании уште една компанија од Турција и една компанија од Велика Британија ги објавија своите одлуки за инвестирање во Македонија. Компаниите од Турција ќе градат свои производствени погони во ТИРЗ Скопје.Уште со неколку компании од различни земји се наоѓаме во различни фази на разговори и во прединвестициска фаза. Последно ја претставивме Македонија и можностите за инвестирање на форумот организиран од Остим во Турција и на македонско-турскиот бизнис форум во Скопје и очекуваме позитивни резултати од двата.
Макфакс: Дали во време на економска криза во Европа, Македонија може да се заврти кон истокот и да бара инвеститори од Русија, Кина, поранешните советски републики, Катар…?
Фида:Најголем број посети кои Агенцијата ги организирала по почетокот на светската економска криза се од САД и Турција, но исто така постои интерес и од другите европски и азиски земји. Се очекува зголемување на интересот од Русија, Кина, Индија и Малезија поради бројни активности како роуд-шоуа, бизнис форуми, промотивни настани, учество на саеми и слично, организирани од страна на Владини институции.
Макфакс: Кои се компаративните предности кои Македонија би можела да им ги понуди на странските инвеститорите, односно во кои дејности би можеле да очекуваме нови инвестиции?
Фида:Компаративните предности се многубројни. Ниски трошоци, стратешка гео-положба, квалификувана и ефтина работна сила, ниски даноци и директна финансиска поддршка се само некои од нив.
Со оглед на високата стапка на невработеност во државата, приоритет на Владата е привлекување на трудово интензивни индустрии и индустрии кои применуваат висока технохологија и know-how.
Макфакс: Често контактирате со странски бизнисмени и потенцијални инвеститорите. Каков впечаток имаат тие за Македонија? Кои работи ги привлекуваат во Македонија и на кои негативности се пожалиле?
Фида: Општиот впечаток е воглавно позитивен, но сепак постојат области кои би требало да се подобрат. Потенцијалните странски инвеститори најчесто имаат бирократски проблеми кои Владата на РМ интензивно работи да ги намали со активно спроведување на реформите во јавната администрација.
Макфакс: Дали инвеститорите повеќе се заинтересирани за гринфилд инвестиции или, пак, да инвестираат во веќе постоечки објекти?
Фида: Интересот е подеднаков и за гринфилд инвестиции и за веќе постоечки објекти, но сепак одлуката зависи од видот на индустрија, висината на инвестицискиот капитал, можноста за влез во некоја од ТИРЗ, итн.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here