Home Интервјуа Манчевски: Не припаѓам на ниту една банда

Манчевски: Не припаѓам на ниту една банда

18
0
SHARE

Македонскиот режисер Милчо Манчевски кој со својот филм „Пред дождот” ја стави Македонија на филмското небо. 

Kако што пишува Гласот на Америка на македонски, деновиве често патува а во интервјуто македонскиот амбасадор на културата кој по неколку месеци не е во базата во Њујорк (предава на филмски школи, учествува во жирија на фестивали, отвора изложби на фотографии), вели дека не мирува, иако подолго време го нема во македонската јавност.

Последните две години беше зафатен и со последниот негов филм, „Мајки”. Само со него, зад себе има триесетина фестивали, од Берлин до Торонто, од Сао Паоло до Истанбул. Имаше и изложба на фотографии, „Пет капки сон”, и во Амстердам, и во неговиот Њујорк, и во Софија. Вонредно предава на филмската школа ВГИК во Москва.

Како гледа Манчевски на „Пред дождот” од речиси 20-годишна перспектива?
„Кога тргна на поход по светот, играше во 50 земји, во редовна дистрибуција во кина, на телевизија. Се печатеа рецензии на филмот и покрај нив имаше мапа на Европа, со заокружено каде е Македонија – на пример во Јапонија – како се изговара зборот. Тоа е факт што не можеме да го избегнеме, дали ни се допаѓа или не”, се присетува Манчевски.

За филмските искуства, со и за Македонија, резигнирано констатира дека „…и покрај успесите на филмовите што ги работам, јас во Македонија останав аутсајдер. И среќен сум поради тоа, затоа што не се чувствувам дел од никаков културен естаблишмент. Не припаѓам на ниту една банда. Денес ми е исто толку тешко да најдам финансии за мојот следен филм колку што ми беше тешко пред 30 години, кога дојдов тазе дипломиран од САД и кога на клоци ме избркаа од Македонија”.

Самото снимање за него е истражување. Вели „моите филмови се од Македонија, а не за Македонија. Тоа се филмови за луѓе, а луѓето се секаде исти, каде и да е во светот… “

За меѓународните предизвици пред кои е исправена Македонија денес, Манчевски коментира..
„Не е лесно да си мал, притоа и сиромашен и мораш да бидеш многу мудар, вреден, паметен, чесен и кон себе и кон сите луѓе во мала земја, за во тие меѓународни предизвици да не го јадеш стапот. Треба многу чесен, сплотен и заеднички ангажман, за Македонија да постигне нешто во тој меѓународен ангажман, за животот во самата земја да стане поубав”.

Манчевски открива дека го завршил новото сценарио за филм и размислува каде ќе го реализира, а најверојатно тоа ќе биде Берлин. Подготвува, исто така, и нова изложба на фотографии, по патеките на претходните „Улици” и „Пет капки сон”.
Copyright 2012 makfax Сите права се задржани. Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Мakfax.
 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here