Home Колумни Празни ветувања не полнат гласачки кутии

Празни ветувања не полнат гласачки кутии

24
0
SHARE

 

Волјата на граѓаните е обврска за политичарите. Македонија помина уште едни добро организирани, фер и демократски избори.

Оцената на посматрачите, како домашни така и меѓународни, но и оцената на значајни политичари од Европската унија е дека изборниот ден во Македонија помина во најдобар ред. Тоа е потврда за добро сработената работа на оние што ги спроведуваа изборите, но и потврда дека Македонија чекори по вистинската патека за својата интеграција во ЕУ и во НАТО. Друг избор немаме.

Македонија во најголем број од општините доби локална власт уште во првиот круг. Резултатите од изборите не се само гола статистичка бројка која партиите или медиумите ќе ја користат за натпревар и ексклузивност помеѓу себе. Во секој резултат, од секое село, од секое населено место, има порака која гласачите ја упатуваат до политичарите. Оние што не го разбрале тоа, одамна требаше да ја напуштат политичката сцена. Дополнително, пораката што се крие во сумираните резултати од секоја општина и од целата држава заедно е најсилната порака што граѓаните можат и знаат да ја упатат до политичките партии. На овие избори се случија изборни резултати кои не ги предвидуваа ниту најголемите оптимисти во ВМРО, ниту најголемите песимисти во СДСМ. Граѓаните имаа можност да изберат помеѓу два концепта. Едниот, оној на ВМРО, пред с` базиран на реален труд и работа вложена во минатите години, но и на видливи и препознатливи дела и оној вториот, на СДСМ, базиран на празни зборови, лажни ветувања и тешка хипотека од годините што изминаа. Разликата во гласови помеѓу коалицијата на ВМРО и коалицијата на СДСМ, без разлика дали се брои на советнички или на градоначалнички листи, на овие избори е многу поголема од разликата што ја имаше ВМРО-ДПМНЕ пред СДСМ на последните парламентарни избори. Тука треба да се потенцира и фактот дека СДСМ очекуваше на свое конто да ги додаде и гласовите на новите коалициски партнери (НП, ЛДП и Достоинство) кои на претходните избори одеа секоја посебно и имаа значителен вкупен број гласови. Наместо тоа, на СДСМ му се случи реален и огромен пад на поддршката помеѓу граѓаните, со многу илјадници гласови помалку од она што го освоија пред нецели две години. Ако во некои држави е нормално власта со тек на годините да ја губи поддршката, кај нас тоа не е така. Kај нас се случи опозицијата да изгуби огромен квантум на поддршка.

Ако некој сака да ги препознае пораките од граѓаните, тие се јасни. Повеќе во Македонија ниту еден политичар не може да победува врз основа на стара слава, врз основа на празни и демагошки говори и врз основа на лажни и празни ветувања. Дополнително и уште позначајно, никој во Македонија повеќе нема право и нема да добие поддршка за каква било агресивна, насилна и антидемократска политичка практика. Никој во Македонија не даде и нема да им даде поддршка на политичари и политички партии што се занимаваат со блокади, бојкоти, тепачки, агресивност и недемократско однесување. Тоа Македонија го препозна и го казни.

Од друга страна, резултатите кои ги добија владејачките партии, пред  ВМРО-ДПМНЕ, се огромна потврда дека работата секогаш носи резултат. Но уште повеќе и уште позначајно, резултатите се и огромна одговорност пренесена врз партијата на власт за континуирано работење, подобрување и решавање на суштинските потреби и проблеми на граѓаните. Гласачите во Македонија јасно посочија дека очекуваат ВМРО-ДПМНЕ да работи и да продолжи со конкретни дела и резултати. Тоа е единствениот правец што во овој момент може да биде препознаен.

П.С. Спротивно на очекувањата на многу аналитичари и новинари, ВМРО-ДПМНЕ оствари одличен резултат и во градот во кој живеам, Велес. Советничката листа на Kоалицијата за подобра Македонија успеа да извојува убедлива победа на СДСМ, победа која е и поголема од онаа на локалните избори во 2009 година. Повторно спротивно на очекувањата на многумина, ВМРО-ДПМНЕ успеа да обезбеди втор круг за градоначалник на Велес. Таму ќе се натпреваруваат Славчо Чадиев, нов човек на политичката сцена во Македонија и Аце Kоцевски, добро познат и долгогодишен градоначалник на Велес. Разликата е премногу мала и дава сериозна оптимистичка нота за кандидатот на ВМРО. Впрочем цело СДСМ и повеќето медиуми во Велес го сметаа за град во кој сигурно ќе победи Kоцевски. Спротивно на тоа, граѓаните на Велес препознаа дека ниту зад Kоцевски има резултати со кои може да се пофали дека решил некој суштински проблем, но и дека Kоцевски нема да може да биде добар градоначалник во ситуација кога неговата партија најавува дека Велес сака да го искористи за свој бастион од кој единствено нешто што би правеле ќе се обидите за рушење на централната власт. Со мнозинство во Советот на Општина Велес и со целата поддршка и кредибилитетот од Владата на Република Македонија, Славчо Чадиев е единствениот добар избор кој моите сограѓани можат да го направат во вториот круг од локалните избори. Тој е човек зад кој стои целиот тим на ВМРО-ДПМНЕ како на локално така и на државно ниво. Тој е човек кој ќе ја има целосната соработка и со Советот на Општината и со Владата на Република Македонија. Славчо Чадиев е човек кој Велес го познава многу добро и е човек кој ќе извојува убедлива победа во вториот круг од локалните избори.

                                                                                           

 

Колумна на Илија ДИМОВСКИ за ДНЕВНИК

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here